
Откако поведоа со 1-0 во осмина-финалната серија, Мемфис Гризлис запишаа три последователни порази од Јута Џез и се наоѓаат на прагот на елиминација.
Имено, синоќа, после четвртиот меѓусебен дуел, Јута поведе со вкупни 3-1 со победата од 113-120.
Натпреварот беше изедначен во текот на сите четири четвртини, но во поголемиот дел, благата предност беше на страната на Јута.
Накрај, најефикасен на мечот беше Донован Митчел од победничкиот состав со 30 поени, а по него следуваше неговиот соиграч Џордан Кларксон, кој имаше 24 кошеви.
Кај Мемфис, дабл-дабл учинок запишаа Џа Морант (23 поени и 12 асистенции) и Јонас Валанчиунас (14 поени и 12 скокови).
Петтиот меч од меѓусебната серија е закажан за утре со почеток од 22.00 часот.



