
Сезоната 2021/22 од Светскиот куп во крос-кантри денес беше завршена во Фалун (Шведска) со мешаната штафета 4 х 5 км и со мешаниот тимски спринт.
Во првата трка, до историската прва победа дојде селекцијата на САД (42:01,8) за која настапија Роузи Бренан, Зек Кетерсон, Скот Патерсон и Џеси Дигинс.
Втората позиција и’ припадна на Финска (+3,8), која во самиот финиш ја доби Норвешка (+4,3).
За Финска скијаа Керту Нисканен, Перту Хиваринен, Ииво Нисканен и Криста Пармакоски, додека боите на првиот тим на Норвешка ги бранеа Хајди Венг, Ханс Кристер Холунд, Дидрик Тонсет и Терезе Јохауг.
Во второто натпреварување, радост на домашната нација и’ донесоа Јона Сундлинг и Кале Халфварсон (23:05,91), кои триумфираа во финалето.
Подиумот го дополнија двете селекции на Норвешка – Тирил Уднес Венг и Мартин Левстром Нингет (+10,09), односно Лоте Уднес Венг и Харалд Остберг Амундсен (+10,16).
Во продолжение, трката ја завршија уште четири екипи: Италија (+17,96), Шведска 2 (+25,89), Германија (+31,08) и Канада (+36,99).