Во првото полуфинале на кинеската Супер лига, силите ги одмерија екипите на Шангај СИПГ и на Џиангсу Сунинг.
Првата средба заврши нерешено со 1-1, додека денешната втора беше решена после продолженија.
Тимот за којшто играат неколку светски ѕвезди (Моои, Хулк, Оскар и Арнаутовиќ) поведе со 1-0 во 25. минута, благодарение на голот на Јанг Шијуан. Исто така, СИПГ уште двапати ја затресе мрежата на Гу Чао, но погодоците беа поништени од ВАР поради офсајд.
Ситуацијата за Шангај изгледаше навидум одлична, кога Абдухамит Абдугени од Џиангсу доби директен црвен картон (57′).
Дваесетина минути подоцна, црвен картон доби и неговиот тренер, Романецот Космин Олароиу.
Сепак, номиналните гости успеаја да израмнат во 78. минута, со голот на капитенот Ву Чи.
Резултатот од 1-1 го однесе натпреварот во продолженија, а после единаесет минути, Џиангсу го извади од игра Италијанецот Едер, а го внесе Луо Џинг.
Само шест минути по своето влегување, Џинг стана херојот на Сунинг бидејќи постигна победоносен еврогол за целосен пресврт со играч помалку.
Накрај, резултатот од 1-2 се покажа како конечен и истиот му обезбеди на Џиангсу финале против Гуангжу Евергранде или Пекинг Гуоан.
За четвртиот најскап тим во Супер лигата, ова ќе биде одлична шанса за освојување на првата титула во историјата, по двете втори места во 2012 и во 2016.



