Петтиот овосезонски натпреварувачки викенд од Светскиот куп во алпско скијање во женска конкуренција беше резервиран за првите брзински дисциплини сезонава.
Во фамозниот Вал д’Изер, дамите денес се тркаа во првиот спуст после 22 февруари во Кран Монтана, кога славеше Лара Гут-Бехрами.
Денес, до третата победа во кариерата и втора во спуст, стигна Швајцарката Корин Сутер (1:44,62). На второто место, со минимален заостаток (+0,11) се пласира Софија Гоџа, а за првпат на подиумот се најде Бризи Џонсон (+0,20).
Словенката Илка Штухец (+0,65) и Австријката Нина Ортлиб (+0,97) го комплетираа пласманот во топ 5, а воедно беа и единствените скијачки надвор од пиедесталот со заостаток под една секунда.
Уште еден елемент што, за жал, ја прекина трката беше ужасниот пад на австриската скијачка, Никол Шмидхофер, која ги проби и двете заштитни огради. Според првичните информации, Австријката е во свесна состојба и се здобила со повреди на лицето. Освен Шмидхофер, на потполно истото место, опасно излетаа уште неколку натпреварувачки, помеѓу кои и актуелната шампионка – Федерика Брињоне.



