Седмото издание на ирскиот Супер Куп, познат како Президент Куп, беше одиграно денес на ,,Талахт Стадиум” во Даблин по исклучително дождливо време.
Во него се соочија актуелните шампиони на лигата, Шамрок Роверс и актуелните освојувачи на купот – Дандалк.
Накрај, до третата титула во ова натпреварување дојде Дандалк, кој славеше на пенали, после ремито од 1-1 во регуларното време и без одиграни продолженија.
Во првото полувреме падна еден погодок, а стрелец беше Сони Рагнар Натештад (42′), кој му донесе водство на Дандалк на своето деби во ирскиот фудбал.
Шамрок Роверс агресивно го започнаа второто полувреме и веднаш израмнија на 1-1 преку одличниот дебитантски гол на Лиам Скејлс (47′) во сениорскиот тим.
Во 59. минута, Дандалк остана со десетмина на теренот, откако голгетерот Натештад заработи директен црвен картон за фаулот над Греам Бурк.
Целата ситуација резултираше со негодувања, кои беа санкционирани со дополнителни четири жолти картони.
Сепак, номиналните гости успеаја херојски да се одбранат и да триумфираат со 3-4 во лудата пенал-серија.
По трите погодени удари на Роверс, следуваа три промашени, кои Дандалк ги казни преку искусниот Дарах Леи.
📸 Stephen McCarthy/Sportsfile via Getty Images