
Откако во март 2021 му беше дијагностициран редок вид на хондросаркома (рак на коските), фудбалерот на Стокпорт, Конор Џенингс, доби информација дека ќе мора да ја заврши својата кариера.
Сепак, 30-годишниот Англичанец реши максимално да се посвети на своето заздравување и да се обиде повторно да заигра фудбал.
Во рамките на седумнаесеттото коло од англиската Национална лига, Стокпорт Каунти ја оправда фаворитската улога и го порази Кинг’с Лин Таун со убедливи 5-0.
Стрелец на петтиот погодок беше токму Џенингс (90+1′), кој влезе во игра само десет минути претходно и дебитираше во новата сезона, откако претходно ја порази својата болест.
,,Секогаш има надеж. Навистина е добро што влегов во игра, но очигледно голот е шлаг на тортата. Сепак, најважно е дека освоивме три поени и ја продолживме добрата форма.” – рече Џенингс на интервјуто после натпреварот.
Освен Џенингс, мрежата на голманот Пол Џонс ја затресоа уште Џордан Кин (34′), Рајан Рајдел (45′), Оливер Кренкшоу (48′) и Бен Баркли (77′).
По доведувањето на тренерот Дејв Челинор, Стокпорт, наместо за опстанок, почна да се бори за промоција во Лиг 2 и моментално го зазема деветтото место на табелата.
Од друга страна, Кинг’с Лин Таун, после две сезони во петтата лига, е на прагот од враќање назад во шестата, поради фактот дека се наоѓа на претпоследната позиција со само осум освоени бодови.