Градското дерби на Сиднеј го обележа последното дваесетто коло од регуларната НРЛ сезона.
Имено, Саут Сиднеј Рабитохс ги поразија лутите ривали Суднеј Рустерс со неверојатни 60-8.
За Рустерс, ова е најубедлив пораз во ерата на актуелниот тренер Трент Робинсон, кој ја предводи екипата од 2013, а воедно и највисок број на примени поени уште од 2010.
Рабитохс, за првпат во историјата, им забија шеесет поени на градските ривали и ги насочија на негативната страна кога се во прашање статистиките. Имено, Рустерс се актуелни шампиони, кои планираат да ја освојат НРЛ по третпат во низа, но досега, ниеден шампион не примил над педесет поени на еден натпревар.
Алекс Џонстон на овој меч забележа пет есеи и го претекна Боб МекКарти за четвртата позиција по број на најмногу постигнати есеи за Рабитохс. Џонстон постигна пет полагања по вторпат во кариерата (првпат после 2017) и изби на првото место на листата на поентерите со дваесет есеи, односно еден повеќе во однос на Кајл Фелдт од НК Каубојс.
Освен Џонстон, за Рабитохс поентираа уште Вокер (х2), Греам, Алан и Мареј преку есеи, односно Рејнолдс преку конверзии и пенали.
Единствените два есеи за Сиднеј Рустерс ги постигнаа Морис и Тупу.
Со овој триумф, Рабитохс ја освоија шестата позиција и во првото коло од плејофот ќе се соочат со Њукасл Најтс. Од друга страна, Сиднеј ќе го чека резултатот од дуелот помеѓу Парамата Илс и Вестс Тигерс за да го дознае својот пласман и својот прв противник во плејофот.