
Во последниот меч од победелничката програма на 43. коло од англискиот Чемпионшип, Нотингем Форест го совлада ВБА со 4-0.
Домаќините ја завршија целата работа во првото полувреме, а сè тргна во нивна корист во 17. минута.
Имено, само три минути откако доби прв жолт картон, дефанзивецот на ВБА, Дарнел Фурлонг, поради игра со рака во својот шеснаесетник, заработи втора јавна опомена и ги остави гостите со играч помалку.
Прецизен од белата точка за водство од 1-0 на Нотингем беше Бренан Џонсон (19′), а три минути подоцна, на 2-0 зголеми Рајан Јејтс (23′).
Сепак, највеличествениот момент на мечот се случи во судиското продолжение на првото полувреме, кога Џек Колбек (45+2′) го постигна најубавиот гол во сезоната.
Конечниот резултат го постави Сем Сариџ (90+3′) со својот трет овосезонски погодок во последните мигови од средбата.
На табелата, ВБА остана на дванаесеттата позиција, додека Нотингем го зазема високото петто место.