
Убедливо најлошата активна серија во цела МЛБ ја има екипата на Балтимор Ориолс, која синоќа го запиша четиринаесеттиот последователен пораз.
За миг, Ориолс се понадеваа дека ќе слават за првпат после 16 мај, откако изборија продолжение.
Сепак, претставниците на Мериленд синоќа беа поразени после еден дополнителен ининг од Минесота Твинс со 2-3.
Во регуларниот дел на мечот, резултатот гласеше 1-1, откако Кајл Гарлик освои четири бази за Твинс, а Рајан Маунткесл постигна хоум-ран за Ориолс.
Во десеттиот ининг, хоум-ран за гостите забележа Хорхе Поланко, а после грешката на фрлачот Адам Платко, на 1-3 зголеми Роб Рефснајдер.
На крајот, Балтимор успеа само да го преполови својот заостаток преку трчањето на Маикел Франко.
Солиден меч за поразениот состав одигра фрлачот Хорхе Лопез, кој освои седум страјк-аути за шест ининзи.
На спротивната страна, сличен учинок имаше и неговиот колега Хозе Бериос со шест страјк-аути во интервал од осум периоди.
Победата ја тргна Минесота (22-31) од претпоследното место во Американската лига, додека Балтимор (17-37) е ,,зацврстен” на самото дно.



