Во осмото коло од англискиот Чемпионшип, силите ги одмерија Блекбурн Роверс и Рединг.
Победата од оваа средба му припадна на гостинскиот состав, Рединг, кој триумфираше со 2-4.
,,Ројалс” стекнаа предност уште во осмата секунда, кога Јаку Меите го постигна најбрзиот погодок во Чемпионшип.
Веќе во третата минута, Адам Армстронг израмни на 1-1 за Блекбурн.
До крајот на првиот дел, Рединг стекна капитална предност од 1-3, откако мрежата на Ејнсли Пирс ја затресоа Мајкл Олис (15′) и Џош Лорент (18′).
Во второто полувреме, домаќините успеаја да намалат на 2-3 преку вториот гол на Армстронг (66′), кој го презеде водството во трката за најдобар стрелец во лигата со девет погодоци во воведните осум кола.
На осум минути до крајот, конечниот резултат од 2-4 го постави Лукас Жоао со својот петти гол сезонава.
Блекбурн е најефикасниот тим во цела лига, кога станува збор за постигнатите погодоци (18), но сепак се наоѓа на средината на табелата, односно на дванаесеттото место.
Од друга страна, составот на Вељко Пауновиќ продолжува да ита кон Премиер лигата, заземајќи го првото место со освоени дваесет и два од можните дваесет и четири поени.