Во четвртото коло од италијанската Серија А, Наполи ремизираше со Лече со резултат од 1-1.
За двете екипи, ова беше прво меѓусебно реми после 2009, а исто така и прво во Неапол после цели две децении.
Во дваесет и петтата минута, Лоренцо Коломбо промаши пенал за Лече, а само две минути подоцна, неговиот промашај го казни Елиф Елмас.
Македонскиот интернационалец се запиша во листата на стрелците за првпат после 3 април, кога даде еден гол во победата на Наполи над Аталанта од 1-3.
Сепак, радоста на навивачите на стадионот ,,Диего Армандо Марадона” траеше само четири минути бидејќи мрежата на домаќините ја затресе горенаведениот Коломбо (31′), кој се искупи за промашениот удар од белата точка.
На табелата, Лече скокна на петнаесеттата позиција, а Наполи испушти шанса да го освои врвот и засега е третопласиран тим.