
Во петтото коло од турската Супер лига, Газијантеп го запиша првиот овосезонски пораз.
Имено, избраниците на Ерол Булут беа надиграни на гостински терен од фаворитот Галатасарај со конечни 2-1.
Гостите поведоа во првото полувреме преку Анхело Сагал (27′), но девет минути подоцна, резултатот го израмни Бафетимби Гомис (36′).
На истекот на регуларниот дел од првото полувреме, Галатасарај остана со играч помалку, откако втор жолт картон заработи Абдулкерим Бардакчи.
Сепак, во вториот период, домаќините, иако беа со играчки дефицит, покажаа подобра игра.
Најпрво, во седумдесет и третата минута, голманот на гостите, Гинај Гивенч, му одбрани пенал на гореспоменатиот Гомис, а до крајот запиша вкупно десет интервенции.
Сепак, неговата брилијантна партија остана во сенка, кога неговиот соиграч, Стелиос Китсиу, несреќно ја затресе својата мрежа во судиското продолжение и му донесе три бода на Галатасарај.
На табелата, клубот од Истанбул скокна на седмото место, додека Газијантеп падна на петтата позиција.