Првпат, тимот на Свонси заиграл во Првата дивизија на Англија во сезоната 1981/82 откако, претходната сезона, изборил промоција како третопласиран тим во Втората дивизија. Свонси станал вториот тим од Велс што заиграл во Првата дивизија, а прв после 1961/62 кога бил релегиран Кардиф.
Дебито на „Лебедите“ во Првата дивизија било волшебно. Имено, на преполниот „Ветч Филд“, гостувал фаворизираниот тим на Лидс кој си заминал со пораз од неверојатни 5-1.
Првиот гол за Свонси го постигнал Џереми Чарлс во петтата минута, а до крајот на полувремето, Лидс израмнил преку Дерек Парлејн (26′). Второто полувреме почнало одлично за велшкиот тим, а дебитантот Роберт Летчфорд постигнал хет-трик во периодот од 46. до 55. минута. Последниот гол го постигнал Алан Куртис во 70. минута.
На дебито на Свонси, штоперскиот тандем бил составен од двајца Југословени – Џемал Хаџиабдиќ и Анте Рајковиќ, а како тренер-играч бил назначен Џон Тошак – тренерот на македонската фудбалска репрезентација од 2011 до 2012 година.
Сезоната 1981/82 била одлична за Свонси завршувајќи на шестото место во првата англиска фудбалска лига, а воедно и освојувајќи го Велшкиот куп што им осигурал пласман во Купот на победниците на куповите (КПК).
Во прилог, можете да ја најдете целосната снимка од овој историски натпревар за моменталниот член на англискиот Чемпионшип.