
На првите девет натпревари од новата сезона на италијанската Серија Б, Венеција има две победи, две ремија и дури пет порази.
Во увертирата на деветтото коло, минатосезонските прволигаши загубија на домашен терен од Фросиноне со 1-3.
После првото полувреме, Венеција водеше со 1-0, благодарение на голот на Денис Черишев (42′).
Во седумдесеттата минута, гостите израмнија преку Фабио Лучони, а шест минути подоцна, домаќините останаа со играч помалку, откако втор жолт картон заработи Пјетро Чекарони.
До крајот, избраниците на Фабио Гросо го комплетираа пресвртот преку Самуеле Мулатиери (85′) и преку Џенаро Борели (90+4′) и освоија нови три бода.
На табелата, Фросиноне скокна на третото место, додека Венеција се наоѓа на седумнаесеттата позиција.




