Последното натпреварување од Светскиот куп во алпско скијање во пресрет на божиќната пауза беше вториот овосезонски слалом, одржан во Мадона ди Кампиљо, Италија.
На него, Норвежанецот Себастијан Фос-Солевааг (1:34,59), кој беше второпласиран на истата локација минатата година, ја оствари втората победа во кариерата.
Актуелниот шампион, Алексис Пантуро (+0,10) го освои второто место, иако беше петти после првата серија.
Во моментот, најдобар скијач во слалом е Швеѓанецот Кристофер Јакобсен (+0,11), кој заврши како третопласиран,но го зазеде врвот во трката за малиот кристален глобус во оваа дисциплина.
Од домашните редови, најдобар беше четвртиот Алекс Винатцер (+0,26), а Тимон Хауган (+0,85) го заокружи пласманот во првите пет.
Во продолжение, дел од најдобрите десетмина беа уште: Лоик Мејар (+0,94), Џулијано Рацоли (+1,00), Јохеи Којама (+1,07), Виктор Муфа-Жанде (+1,15) и Симон Маурбергер (+1,20).
Најголеми трагичари беа првиот и четвртиот после првото скијање, односно Клеман Ноел и Дејв Рајдинг, кои не ја завршија втората серија.