Флорида Пантерс е единствениот тим што има стопроцентен учинок после првите седум натпревари од новата НХЛ сезона.
Последна ,,жртва” на Пантерс во оваа засега активна низа беа Бостон Бруинс, кои загубија со резултат од 4-1.
Во единаесеттата минута од првата третина, токму Бруинс поведоа со 0-1, откако мрежата на Сергеј Бобровски ја затресе Чарли Којл.
Американецот воедно беше единствен што успеа да го надмудри рускиот голман, кој го заврши мечот со 30/31 одбранети шутеви (96,77%).
Во продолжение, домаќините од околината на Мајами постигнаа четири погодоци преку четири различни хокеари – Мејсон Марчмент, Еету Луостаринен, Ентони Дуклер и Овен Типет.
Очекувано, Пантерс го заземаат првото место во Источната конференција, додека Бруинс, со првиот пораз во Мајами после 2018, паднаа на тринаесеттото место.