
Шведското алпско скијање се врати на врвот на велеслаломот, откако Сара Хектор беше најбрза на втората трка во Куршевел, Франција.
Швеѓанката (2:13,03), по вчерашното второ место, ја запиша само втората победа во Светскиот куп, односно прва после 28 декември 2014.
Вчерашната победничка, Микаела Шифрин (+0,35), заврши како второпласирана, а првите бодови во сезоната ги освои третопласираната Марта Басино (+0,60).
Четвртото место го зазеде искусната Теса Ворли (+0,68) пред актуелната шампионка – Петра Влхова (+1,24).
На шестата позиција, по вторпат во два дена, се пласираше Марина Гасиеница-Даниел (+1,36), која го израмни најдобриот пласман на Полска во женското алпско скијање.
Позициите од седум до десет ги зазедоа: Рамона Зибенхофер (+1,54), Рагнилд Мовинкел (+1,64), Штефани Брунер (+1,71) и Мишел Гизин (+1,78).