
Тампа Беј Лајтнинг го започнаа бранењето на титулата со убедлива победа во првиот меч од финалната серија.
Имено, актуелните шампиони, на домашен терен, ги декласираа Монтреал Канадиенс со резултат од 5-1.
Лајтнинг поведоа со 2-0 после 25 минути игра, со головите на Ерик Чернак и на Јани Гурд.
Пред доаѓањето на втората пауза, единствениот погодок за Монтреал го постигна Бен Кјарот, кој се запиша во листата на стрелците по вторпат сезонава.
Во третата третина, Лајтнинг уште трипати ја затресоа мрежата на Кери Прајс преку двојниот голгетер Никита Кучеров и преку капитенот Стивен Стамкос.
Вториот меѓусебен финален дуел е закажан за вечерта помеѓу 30 јуни и 1 јули со почеток од 02.00 часот после полноќ.