
Во репризата на минатогодишното четврт-финале, Металург Магнитогорск го порази актуелниот шампион, Авангард Омск, со 7-4.
Натпреварот беше навистина ефикасен, во чие времетраење Авангард водеше дури четири пати, но во исто толку наврати ја загуби предноста што резултираше и со трет пораз во низа.
,,Јастребите” од Омск постигнаа по два погодоци во првите две третини, а стрелци беа четири различни хокеари, односно Иван Телегин, Петер Цегларик, Корбан Најт и Алексеј Береглазов.
Од противничкиот табор, мрежата на Симон Хрубец и на Василиј Демченко ја затресоа седум различни играчи: Џош Кари, Никита Коростелев, Семјон Кошелев, Анатолиј Никонцев, Андреј Чибисов, Максим Карпов и Николај Голдобин.
На табелата на Источната конференција, Металург скокна на второто место, додека Авангард падна на седмата позиција.