Заостанатиот меч од второто коло на босанската Премиер лига беше всушност најстарото дерби на Босна и Херцеговина.
Имено, по 55. пат во историјата, силите ги одмерија претставниците на Мостар – Зрињски и Вележ.
На стадионот ,,Под бјелим брегом”, во отсуство на навивачите на Вележ, Зрињски дојде до јубилејната 30. победа над градскиот ривал, триумфирајќи со 2-1.
Во 33. минута, номиналните домаќини дојдоа до почетна предност од 1-0, откако првиот гол во сезоната го постигна Слободан Јаковљевиќ.
Само краток период подоцна, односно во последната минута од регуларниот дел на првото полувреме, со вториот гол во дресот на Вележ, израмнување донесе поранешниот фудбалер на Железничар – Џенан Зајмовиќ.
Резултатот од 1-1 беше активен сè до 86. минута, кога најдобриот стрелец од минатата сезона, Немања Билбија, погоди за 2-1 во корист на Зрињски.
Со новите три поени, ,,Сините” избија на второто место на табелата после осум кола, додека Вележ е петти, со четири бодови заостаток во однос на позициите, кои водат во Европа.