Со оглед дека има играно најмногу натпревари во Лондон, екипата на Џексонвил Џагуарс во потполност може да ја смета англиската престолнина како свој домашен терен.
Впрочем, ,,Тотенхем Стадиум” им донесе повеќе среќа на Џагуарс отколку било кој друг стадион во САД, откако денес на него ја запишаа првата победа во сезоната.
Имено, Џексонвил, во дербито на Флорида, им го нанесе петтиот последователен пораз на Мајами Долфинс, триумфирајќи со 20-23.
Патем, за составот од главниот град на Флорида, ова значеше и прекин на втората најдолга негативна серија во историјата на НФЛ, која започна од 20 септември минатата година и траеше цели дваесет порази.
Победоносен за ,,Јагуарите” беше филд-голот во последната секунда на Метју Рајт, кој беше одговорен за вкупно единаесет поени.
Освен него, во листата на поентерите се запишаа уште Џејмс Робинсон и Марвин Џонс со по еден постигнат тачдаун.
Првиот пик од овогодинешниот драфт, Тревор Лоренс, го одигра својот натпревар на кариерата и со 319 освоени јарди од 25/41 обиди за додавање го предводеше Џексонвил до победата.
На спротивната страна, Туа Таговаилоа се врати после претрпената повреда и освои вкупно 351 јард, заедно со два уфрлени тачдауни и со едно пресечено додавање.
За Долфинс, двете полагања беа дело на Џејлен Водл, а Мајк Гесики беше најефикасен рисивер со 115 јарди.
После шест одиграни средби, двете екипи имаат учинок од 1-5 и го заземаат самото дно во Американската конференција.
Во соработка со НФЛ Македонија