Дванаесеттата овосезонска трка, од МотоГП категоријата, беше одржана на патеката ,,Рикардо Тормо” во Валенсија, но го носеше називот како Европско гран-при.
Драмата започна уште во првиот круг, кога излета еден од конкурентите за титулата, Фабио Квартараро, заедно со Алеиш Еспаргаро.
Во третиот круг дојде промената на водечката позиција, откако Алекс Ринс изби на врвот, претекнувајќи го освојувачот на вчерашната пол-позиција – Пол Еспаргаро.
Во петтиот круг откажа и ,,Јамахата” на Валентино Роси, кој се врати на патеката по прележаниот Коронавирус.
Исто така, во воведниот период на трката, водечкиот во генералниот пласман, Жоан Мир, ја презеде втората позиција за двојно водство на,,Сузуки”.
Со тек на време се зголемуваше бројот на откажани возачи, така што, Маверик Вињалес, кој стартуваше од пит-лејнот поради употребување на шестиот мотоцикл во сезоната, дојде до петнаесеттото место што носи поени, а веднаш зад него беше и Квартараро, кој излета на стартот.
На единаесет кругови до крајот, Мир стана новиот првопласиран и извоза рутински до самиот крај.
За Шпанецот, ова е прва победа во МотоГП што го направи деветти различен победник сезонава.
На второто место се пласира неговиот тимски колега – Алекс Ринс.
За ,,Сузуки”, ова е прва 1-2 победа после 26 септември 1982, кога Ренди Мамола и Вирџинио Ферари беа најбрзи во Германија.
Подиумот го комплетираше Пол Еспаргаро, кој беше за нијанса побрз од Такаки Накагами. Сите возачи што ја завршија трката освоија поени, а тие се: Оливеира, Милер, Биндер, Довициозо, Зарко, Петручи, Морбидели, Брадл, Вињалес и Квартараро.
Со овој триумф, Мир ја зголеми својата предност во вкупниот поредок на триесет и седум поени во однос на Ринс и на Квартараро, а Вињалес е четврти со заостаток од четириесет и еден бод.



