Шестиот натпревар од серијата помеѓу Ванкувер Кенакс и Вегас Голден Најтс заврши со резултат, после кој ќе следува ,,мајсторка”. Имено, Кенакс славеа со 4-0 и израмнија на 3-3, откако претходно губеа со 3-1.
Во првата третина, предност на претставниците на Британска Колумбија им донесе Џејк Виртанен.
Останатите три погодоци паднаа во третиот период, а стрелци беа Џеј Ти Милер, Квин Хјуз и Бо Хорват.
Голманот на Кенакс, Тачер Демко, имаше 48 одбрани, а овој број на интервенции сруши неколку рекорди:
- Најмногу одбрани од голман што дебитира во плејофот во натпревар на којшто не примил гол.
- Најмногу одбрани во историјата на НХЛ во плејоф шут-аут натпревар што не отишол во продолжение.
- Втор голман во историјата на Кенакс што имал шут-аут натпревар кога неговиот тим морал да победи за да не отпадне (другиот голман е Кирк МекЛин во ,,мајсторката” против Џетс во 1992 година).
- Прв голман што дебитирал во плејофот и што ги победил првите два натпревари кога на неговиот тим му била неопходна победа за опстанок, после Жак Плант во 1953 година.
Продолжува сагата на Квин Хјуз (Ванкувер Кенакс) и на Кејл Макар (Колорадо Аваланш), кои се борат за најмногу постигнати поени од дефанзивец во дебитантскиот настап во плејофот. Вчера Макар го презеде водството, но синоќа Хјуз повторно поведе, откако даде еден гол и асистираше еднаш во победата на Ванкувер. Со овие придонеси, Хјуз дојде до бројката од шеснаесет поени и е водечки во историјата во ова поле.