
Во текот на првите осум кола од новата АФЛ сезона, Фриментл Докерс ја имаа најдобрата одбрана, која примаше само 57,3 поени во просек по натпревар.
Сепак, во деветтата и во десеттата рунда, екипата од западна Австралија доживеа неочекуван распад и запиша два порази од ривали од долната половина на табелата.
Пред една недела, скалпот на Докерс им го земаа Голд Коуст Санс, а денес, популарните Фрео беа декласирани од Колингвуд Мегпајс со (6.8) 44-80 (12.8) по дождливо време.
Фриментл имаше блага предност сè до стартот на втората четвртина, а во продолжение, Мегпајс постепено го зголемуваа своето водство.
За Докерс, шесте голови беа постигнати од шест различни фудбалери: Дејвид Манди, Мајкл Волтерс, Вил Броуди, Рори Лоб, Ендру Брејшоу и Сем Свитковски.
Од тимот на Колингвуд, поефикасни од било кој противнички поединец беа Вил Хоскин-Елиот (2.0), Брејди Мајочек (2.0), Џек Гинивен (2.2) и Оливер Хенри (4.1).
На табелата, Фриментл остана на четвртото место, а Колингвуд скокна на десеттата позиција, заостанувајќи една победа зад тимовите од плејоф-зоната.