
ЦСКА Москва е старо-новиот шампион на КХЛ, откако во финалето славеше над АК Барс Казањ со вкупни 4-3.
Во ,,мајсторката”, одиграна ,,Татнефт Арена”, претставниците на главниот град на Русија триумфираа со 2-3.
Почетно водство на домаќините им донесе Кирил Петров во првиот дел, а на стартот на втората третина, Антон Слепишев израмни на 1-1.
Набргу, нова предност на АК Барс му донесе Дмитри Воронков, но во интервал од 76 секунди, победничкиот пресврт за ЦСКА го комплетираа Владислав Каменев и Дерен Дитц.
Воедно, овој плејоф на КХЛ беше рекорден по бројот на натпревари (87), поминувајќи го претходниот учинок од 2011 (86).
На патот до титулата, ЦСКА ги елиминира Северстаљ Череповец (4-3), Локомотив Јарослављ (4-3) и СКА Ст. Петербург (4-2), додека АК Барс ги совлада Нефтехимик Нижнекамск (4-2), Адмирал Владивосток (4-2) и Авангард Омск (4-1).