
Денес, екипата на Ченаи Супер Кингс ја освои својата четврта титула во најквалитетната лига во Т20 крикет во светот – Индиската Премиер Лига.
Популарната ,,Жолта армија” стигна до првата круна после 2018, откако во финалето, одиграно во Дубаи поради рестрикциите во Индија, ги совлада Калкута Најт Рајдерс со 192/3 – 165/9.
Во првиот ининг, четирите удирачи на Ченаи, односно Рутураџ Гаиквад (32), Фаф ду Плесис (86), Робин Утапа (31) и Моен Али (37*), им поставија висока цел на своите противници.
Од дефанзивците на Најт Рајдерс, викети освоија единствено Сунил Нарине (2-26) и Шивам Мави (1-32).
Во вториот ининг удираа поразените крикетари, од кои најефикасни беа првите двајца – Шубман Џил (51) и Венкатеш Ијер (50).
Што се однесува до фрлачите на Ченаи, Шардул Такур (3-38) освои три, а Џош Хезлвуд (2-29) и Равиндра Џадеџа (2-37) по два викети.