
Екипата на Плимут Аргајл го запиша вториот овосезонски пораз, откако во четвртото коло на Лиг 1, беше декласирана од Чарлтон со 5-1.
Чарлтон поведе во раната фаза со првиот сениорски гол на Џесурун Рак-Сакји (11′), а веќе во триесет и деветтата минута, Плимут остана со десетмина на теренот.
Имено, поради спасување гол со рака, директен црвен картон доби Џејмс Вилсон, а пеналот успешно го изведе Џејден Стокли (41′).
До крајот на полувремето, со еврогол на 3-0 во корист на домашниот состав зголеми Шон Клер (45+3′).
Во седумдесет и првата минута, продуктот на Дерби Каунти, Морган Витакер, дојде до првиот погодок во новата средина со одличен соло-продор, намалувајќи на 3-1.
Сепак, конечниот резултат го поставија Чарли Кирк (76′) и Мајлс Либурн (84′) за втората победа на претставниците на Лондон во 2022/23.
На табелата, Чарлтон влезе во плејоф-зоната на шестото место, а Плимут падна на дванаесеттата позиција.




