
На женската индивидуална трка на петнаесет километри во Антолц, Италија, во рамките на Светскиот куп во биатлон, триумфираше Жистин Бреза-Буше (42:20,6).
Французинката имаше само еден промашај во стрелачкиот дел што беше доволно за освојување на првата победа после 5 декември 2019, односно трета во својата кариера.
Најбрзата на скијачкиот дел, Жулија Симон (+51,1), се искачи на второто место и покрај двете промашени мети.
Во отсуство на сестрите Хана и Елвира Оберг, најдобра Швеѓанка беше Мона Брорсон (+1:37,2), која, со денешното трето место, го освои првиот пиедестал во кариерата.
На одличната четврта позиција се искачи Американката Клер Иган (+1:55,9), а заостаток под две минути имаше уште двократната шампионка – Доротеа Вирер (+1:58,8).
Од останатите скијачки, во топ 10 завршија уште: Маркета Давидова (+2:34,8), Ѕинара Алимбекава (+2:36,2), Ингрид Ландмарк Тандерволд (+2:52,7), Лиза Тереза Хаузер (+2:54,4) и Улијана Нигматулина (+2:58,9).




