
По 28. пат во историјата, односно по третпат во последните пет пресметки, популарното А23 дерби заврши со нерешен исход.
Имено, во рамките на шестото коло од Премиер лигата, Кристал Палас ремизираше со Брајтон со резултат од 1-1.
Во дополнителните минути на првото полувреме, Леонардо Тросар го сруши Конор Галагер во својот шеснаесетник што резултираше со пенал за Кристал Палас.
Од белата точка, по вторпат во сезоната, прецизен беше Вилфред Заха (45+2′), кој им донесе почетно водство на ,,Орлите” од ,,Селхурст Парк”.
Овој резултат беше активен речиси до последниот судиски свиреж, но сепак, во завршните секунди од оваа средба, Нил Мопе (90+5′) постигна ефектен погодок за израмнување.
Во случај на победа, Брајтон ќе беше лидер на табелата, но засега ќе мора да се задоволи ,,само” со шестата позиција.
Од друга страна, Кристал Палас, после шест кола има шест освоени бодови, доволни за петнаесеттото место.



