Со синоќешниот триумф од 5-1, Бостон Бруинс ја запишаа петтата победа во низа во меѓусебните дуели со Монтреал Канадиенс.
На мечот, после 27 минути игра, Бостон имаше убедливи 4-0, откако Бред Маршан постигна хет-трик, а еднаш погоди и Куртис Лазар.
Три минути после четвртиот погодок, канадскиот состав успеа да го намали својот заостаток преку вториот гол во НХЛ на Мајкл Пецета.
Во третиот период доминираше грубата игра, која резултираше со вкупно единаесет дисциплински казни од по две минути.
Сепак, во момент кога силите на ледената плоча беа изедначени, гореспоменатиот Лазар се запиша во листата на стрелците по вторпат на мечот и воедно го постави конечниот резултат.
Со новите два бода, Бостон остана на осмото место во Источната конференција, додека Монтреал се наоѓа на дното со дури тринаесет порази на последните петнаесет средби.