
Исто како Мото 3 и Мото 2, така и во МотоГП, победникот од Арагон славеше и на денешната трка за големата награда на Сан Марино.
Имено, пред само седум дена, до првата ,,кралска” победа стигна Франческо Бањаја, кој денес, на домашно тло, со мотор на ,,Дукати”, успеа да го повтори успехот.
Освојувачот на пол-позицијата успешно се одбрани од нападите на Фабио Квартараро во завршниот круг, кој се задоволи со второто место.
Сепак, херој на денот беше уште еден Италијанец, Енеа Бастијанини, кој како дебитант во МотоГП, за првпат во кариерата се искачи на победничкиот подиум.
Без пиедестал остана четвртопласираниот Марк Маркез, а позади него се пласираа Џек Милер, Жоан Мир, Пол Еспаргаро, Алеиш Еспаргаро, Бред Биндер и Такааки Накагами.
Во генералниот поредок, Квартараро остана на првата позиција со 234 поени, а негови најблиски конкуренти се Бањаја (186) и Мир (168).



