Необичната, но сепак успешната, НФЛ сезона 2020/21 беше завршена денес со фамозниот Супер Боул 55.
Во него, на ,,Рејмонд Џејмс Стадиум”, силите ги одмерија најдобрите екипи од Американската и од Националната конференција, односно Канзас Сити Чифс и Тампа Беј Баканирс.
Баканирс накрај стигнаа до втората клупска титула, односно прва после 2002/03, откако ги надиграа Чифс со 31-9.

Факти:
- Тампа Беј Баканирс се првиот тим во историјата на НФЛ што играл Супер Боул на својот домашен терен.
- Чифс и Баканирс се соочија еднаш во регуларната сезона и тогаш Чифс славеа со 24-27. Според ова, Супер Боул 55 е вкупно 14. во историјата што го сочинувале две екипи, кои претходно се соочиле во регуларната сезона. Последен пат, тоа се случи во 2011/12 помеѓу Њујорк Џајантс и Њу Ингланд Патриотс.
- На стадионот присуствуваа само 25 000 гледачи (поради рестрикциите против КОВИД-19), така што денешното финале стана најнепосетеното во досегашната историја.
- За првпат во историјата, на еден Супер Боул натпревар, покрај сите мажи, судеше жена (Сара Томас).
- На полувремето, музичките фанови уживаа во изведбата на Канаѓанецот Абел Маконен Тесфаје попознат како Д Викенд.
- На патот до финалето, Баканирс ги елиминираа Вашингтон ФК (23-31), Њу Орлеанс Сеинтс (20-30) и Грин Беј Пекерс (26-31), додека Канзас Сити беа подобри од Кливленд Браунс (22-17) и од Бафало Билс (38-24).
- Ова беше ,,најстариот” Супер Боул во историјата кога се во прашање годините на главните тренери. Имено, Енди Рид (Канзас Сити) има 62, а Брус Аријанс (Тампа Беј) има 68 години.
- Том Брејди, со првото додавање за тачдаун кон Роб Гронковски, го забележа своето прво полагање во првата четвртина на еден Супер Боул. Дотогаш, искусниот квотербек немаше ниту еден пас за тачдаун во првите петнаесет минути во ниеден од претходните девет финални настапи.
- Наведениот тачдаун беше вкупно тринаесетти помеѓу Брејди и Гронковски во плејофот и со него ги поминаа Џоу Монтана и Џери Рајс за најмногу тачдаун-конекции во плејофот помеѓу два играчи.
- За првпат во својата НФЛ кариера, квотербекот на Чифс, Патрик Махоумс, не постигна тачдаун на еден натпревар.
- За Том Брејди, денешниот триумф значеше седма круна во кариерата, односно повеќе од било која друга НФЛ франшиза.
Резиме на натпреварот:
Баканирс доминираа во текот на цел натпревар и ги лимитираа сите фаќачи на Чифс на минимален број на освоени јарди. Имено, Махоумс освои 270 јарди со додавање, од кои дури 133 беа упатени кон единствената ,,расположена” мета, Тревис Келси, притоа фрлајќи и два пресечени пасови.
Единствените поени за Чифс ги постигна шутерот Харисон Баткер, а фаќачите, со неколку испуштени чисти фаќања, не успеаја да придонесат во неговиот учинок.
Од друга страна, Том Брејди освои 201 јард, постигна три тачдауни и се закити со рекордниот петти МВП наслов.
За неговиот тим, два тачдауни постигна Роб Гронковски, а по еднаш, во листата на поентерите се запишаа Антонио Браун и Леонард Фурнет. За сите останати поени беше задолжен шутерот Рајан Сакоп.
📸 Mike Ehrmann/Getty Images
Во соработка со НФЛ Македонија