
Деветтото коло од новата НРЛ сезона беше отворено со антологиски меч во кој Саут Сиднеј Рабитохс загубија на домашен терен од Мелбурн Сторм со 0-50.
Причина за декласирањето на ,,Зајаците”, освен неверојатната игра на Сторм, беше и отсуството на неколку важни играчи: Латрел Митчел, Адам Рејнолдс, Џош Мансур и Џексон Пауло.
После денешниот меч, Рабитохс ќе мораат да се изборат против традицијата, доколку сакаат да станат нови шампиони.
Имено, ниеден тим што примил 50+ поени на еден натпревар, накрај не успеал да стигне до тронот во истата сезона.
Од друга страна, историја испиша Џош Адо-Кар, кој стана првиот играч во историјата на Сторм со 5+ есеи на еден меч, а воедно и прв во НРЛ, после Џек Трој во 1950, со шест полагања на еден натпревар.
Освен Адо-Кар (11′, 22′, 26′, 39′, 66′, 71′), есеи за победничкиот состав постигнаа Џаром Хјус (30′), Брендон Смит (46′) и Џорџ Џенингс (49′, 57′).
Останатите поени беа дело на Камерон Манстер, кој погоди 5/10 конверзии.
На табелата, Мелбурн го презеде второто место токму од Рабитохс, кои поради полошата поен-разлика од Парамата Илс, паднаа дури на четвртата позиција.



