Првата интернационална серија во тест крикет ја одиграа репрезентациите на Англија и на Западните Инди. Откако карипските крикетари поведоа со 1-0 по првиот тест, Англичаните успеаја да направат пресврт и да ја освојат оваа серија со вкупен резултат од 2-1 со што го освоија т.н. „Висден Трофи“ за првпат после 2017.
Третиот тест натпревар беше одигран на „Олд Трафорд Крикет Граунд“ во Манчестер, а екипите ги извадоа следните состави:
Англија: Џоу Рут (капитен), Џејмс Андерсон, Џофра Арчер, Дом Бес, Стјуард Броуд, Рори Барнс, Џос Батлер (викет-кипер), Зек Кроули, Сем Куран, Оли Поуп, Дом Сибли, Бен Стоукс, Крис Воукс и Марк Вуд.
Западни Инди: Џон Кемпбел, Крег Бретвајт, Шаи Хоуп, Шамар Брукс, Ростон Чејс, Џермејн Блеквуд, Шејн Даурич (викет-кипер), Џејсон Холдер (капитен), Раким Корнвал, Кемар Роуч и Шенон Габриел.
Во првиот ининг на Англија, Џос Батлер постигна над педесет поени (67) на тест натпревар за првпат после септември 2019 против Австралија. Исто така, Стјуард Броуд постигна над педесет поени на тест натпревар за првпат после 2017. За тоа му беа потребни само триесет и три топки што е трет најдобар учинок во историјата на англискиот тест крикет. Пред него е само Ијан Ботам, кој во 1986 го оствари овој учинок после триесет и две топки односно во 1981 кога му требаа дваесет и осум топки. Од друга страна, Кемар Роуч стана првиот играч на Западните Инди кој освоил над двесте тест викети после Куртли Емброус во 1994.
Најефикасен играч во првиот ининг на Англија беше Оли Поуп со деведесет и еден поен.
Западните Инди го завршија својот прв ининг со освоени 197 поени, а најефикасен беше Холдер со четириесет и шест поени. Холдер воедно стана само третиот играч од својата репрезентација што успеал да освои над две илјади тест поени и над двесте тест викети. Другите двајца се Гарфилд Соберс и Карл Хупер. Од англиските играчи, Броуд освои дури шест викети.
Во вториот ининг, Англичаните освоија 226 поени со само два изгубени викети, по што им ја предадоа палката на противниците. Барнс беше најефикасен со деведесет поени, а исто така, Сибли (60) и Рут (68) покажаа одлични удирачки перформанси.
Западните Инди го започнаа својот втор ининг на лош начин односно со резултат од 10/2 на крајот на третиот ден. Кемпбел и Роуч доживеаја викети при резултат од 0/1 односно 6/2. Во четвртиот ден немаше крикет поради обилните врнежи од дожд што продолжија и во петтиот ден. Сепак, Западните Инди успеаја да го довршат својот ининг со освоени само 129 поени и вкупен пораз од 269 поени односно 369 & 226/2п – 197 & 129. Најефикасен удирач во вториот ининг на карипскиот тим беше Хоуп со само триесет и еден освоен поен. Викетите за Англија ги освоија Броуд (х4), Воукс (х5) и Бес.
Стјуарт Броуд успеа да го запише својот петстоти тест викет и да влезе во елитата станувајќи само седмиот играч во историјата што стигнал до оваа бројка. Останатите фрлачи се Мутијах Муралитарам (800), Шејн Варн (708), Анил Кумбл (619), Џејмс Андерсон (589), Глен МекГрат (563) и Куртни Волш (519). Интересен е фактот дека и сонародникот на Броуд, Џејмс Андерсон, го освои својот јубилеен петстоти викет против удирачот на Западните Инди – Крег Бретвајт. На овој меч, Броуд имаше неверојатен вкупен учинок од 10/67 со што го заслужи приматот „играч на натпреварот“.
„Воодушевен сум од љубезната поддршка. Ви благодарам многу. Одлично е чувството кога ќе се освои петстотиот викет во победа на тест меч што води до освојување на серијата. Го сакам крикетот!“ – стои на официјалниот Инстаграм профил на Стјуарт Броуд.