По трите воведни победи, актуелните шампиони, Тампа Беј Лајтнинг, го доживеаја првиот пораз во новата сезона, откако синоќа беа надиграни од Колумбус Блу Џекетс со 5-2.
Иако резултатот предизвикува убедлива слика, ситуацијата на ледената плоча беше далеку поразлична, бидејќи Лајтнинг правеа опсада кон голот на Елвис Мерзликинс.
Накрај, Летонецот беше еден од најзаслужните играчи во победата на Колумбус со вкупно триесет одбрани (93,75%).
Тампа Беј, преку Виктор Хедман, го отвори резултатот во петтата минута, по што следуваше брз пресврт на домаќините за предност од 3-1.
Стрелци за претставниците на Охајо во првиот период беа Ник Фолињо, Михаил Григоренко и Владислав Гавриков.
На само четиринаесет секунди до истекот на првата третина, Тампа Беј намали на 3-2 со ,,пауер-плеј” погодокот на Ондреј Палат.
Во втората третина мируваа мрежите и на двете екипи, а во третата, Колумбус само ја осигури својата втора овосезонска победа преку Зек Веренски и преку Ерик Робинсон.
И покрај поразот, Тампа Беј останува на врвот на Централната дивизија, со ист број на бодови како и вчерашниот второпласиран ривал.
📸 Mitch Stacy / Associated Press