Најефикасниот од сите шест денешни натпревари во КХЛ го одиграа екипите на Динамо Москва и на АК Барс Казањ.
Во ,,ВТБ Арена” во Москва, домашниот состав загуби со убедливи 2-7.
Динамо беше конкурентен само во првата третина, кога водеше двапати со 1-0 и со 2-1. Стрелци за претставниците на главниот град на Русија беа Илја Круглов и Дмитри Кагарлицки.
Од друга страна, хокеарите на АК Барс пет пати го совладаа Емил Гарипов и двапати – Иван Бочаров.
Головите за гостинскиот состав беа дела на: Дмитри Воронков, Михаил Глухов, Михаил Фисенко, Најџел Доус, Стефан Да Коста (х2) и Никита Динјак.
Освен головите, се истакнаа и боречките способности на Артјом Волков (Динамо) и на Патрис Кормие (АК Барс), кои физички се пресметаа во третата третина.
Со новите два поени, АК Барс ја завршуваат 2020 на најдобар можен начин за нив, односно заземајќи го врвот на Истокот. За Динамо, ова е трет пораз на последните десет дуели, доволен за четвртото место на Западот.