Најголемиот маратонски настан од почетокот на пандемијата беше 47. издание на Берлинскиот маратон, одржано денес низ улиците на германскиот главен град.
Практично, овој е прв од вкупно шесте престижни маратони во 2021, а на него учествуваа 24 796 натпреварувачи, кои потекнуваа од 117 различни земји.
Како победник на трката, за првпат во кариерата, излезе најбрзиот маратонски дебитант во историјата и второпласираниот од 2017, Гује Адола, кој ја истрча патеката за 2:05:45 часа.
Второто место му припадна на изненадувачкиот Кениец, Бетвел Јегон, кој се вклучи во врвот во завршницата на трката и постави нов личен рекорд од 2:06:14.
Најниското место на пиедесталот му припадна на главниот фаворит и победникот од 2016 и од 2019 – Кенениса Бекеле (2:06:47).
Помеѓу 17. и 18. километар, Бекеле го загуби чекорот со водечката група, но тоа беше само тактика, која се случи и во 2016 и во 2019, кога тој победи на ова натпреварување.
На половина трка (1:00:48), водечката група беше за 18 секунди побрза од преминот на 21 километар кога беше поставен светскиот рекорд (1:01:06).
Сепак, до 30. километар, нивната предност во потполност се истопи, откако тркачите драстично го намалија темпото.
Дотогаш Адола, Бекеле и Филемон Качеран се издвоија на врвот, но од 37. километар, на сцена стапи Бетвел Јегон, кој после 15 километри заостануваше дури 02:44 минути.
Во женската конкуренција, првите три позиции им припаднаа на Етиопијките Готитом Гебреселасие (2:20:10), Хивот Гебрекидан (2:21:23) и Хелен Тола (2:23:05).