Вардар на домашен терен беше поубедлив од Шкупи, совладувајќи го со 6:1. Црвено-црните го решија натпреварот уште во првото полувреме, кога Горан Закариќ во само две минути постигна два погодоци (36’ и 37’). На самиот старт од вториот дел Михаил Талевски зголеми на 3:0, а капитенот Азер Омерагиќ во 57. минута донесе водство од четири гола разлика. Шкупи успеа да намали преку Марио Станковски во 71. минута, но до крајот на мечот Омерагиќ со уште два гола (79’ и 84’) го запечати хет-трикот и ја потврди убедливата победа од 6:1.
Струга ТЛ не заостануваше во убедливоста и со идентична офанзивна игра го совлада Башкими со 6:0. Сериијата голови ја отвори Бунјамин Шабани во 24. минута, а предноста ја удвои Христијан Малески во 37. минута. Третиот гол го постигна Стефан Јевтовски пред самиот крај на полувремето. Во вториот дел стрелците продолжија со исто темпо – Хамза погоди во 53. минута, Малески го запиша својот втор гол на натпреварот во 61. минута, а конечните 6:0 ги постави Арби Воша во 89. минута.
Во претходно одиграните натпревари, Арсими славеше на гостувањето кај Силекс со 3:1, Пелистер и Македонија ЃП одиграа 1:1, додека Тиквеш убедливо ја совлада Брера со 4:0.
По 15 кола, Вардар останува лидер со 39 бодови, веднаш зад него е Струга ТЛ со 38.
Последниот натпревар од ова коло се игра утре од 13 часот во Тетово, каде ќе се соочат Шкендија и Работнички.




