Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе одлука најголемиот успех – пласманот на македонската репрезентација на ЕУРО 2020 да го награди со исплата на најголемата премија во историјата на македонскиот спорт.
Фудбалерите и стручниот штаб во А репрезентацијата на Македонија добиваат четири милиони и двесте илјади евра вкупна премија за пласманот на Европското првенство. Репрезентативците и стручниот штаб веќе инкасираа близу еден милион евра за освоеното прво место во групата Д од Лига на нации и квалификациите за ЕУРО 2020.
Со денешната одлука на Управниот одбор на ФФМ, до крајот од годината, федерацијата ќе им исплати сума од три милиони и двесте илјади евра за обезбеденото место на македонската репрезентација на Европското првенство.
Управниот одбор ги усвои предложените критериуми за распределба на наградата, изготвени од директорот на А репрезентацијата во консултација со селекторот и капитенот на македонската репрезентација.
Извор и фото: https://ffm.mk/