Првата етапа од овогодинешното издание на Тур д ски се одвиваше денес во швајцарскиот Вал Мустер. На програмата беа спринтовите во машка и во женска конкуренција.
Вреди да се напомене дека од почетокот на 2021 се вратија Швеѓаните и Финците, додека Норвежаните сè уште отсуствуваат од Светскиот куп.
Кај жените, престижната турнеја со победа ја отвори Лин Сван пред Анамарија Лампич (+0,54) и пред Џеси Дигинс (+3,41). Фрида Карлсон (+5,83), Роузи Бренан (+8,00) и Надин Фендрих (+1:02,00) го комплетираа финалниот распоред. Фендрих беше на одличен пат да оствари победа на домашен терен, но доживеа пад кон половината на финалната трка. Во полуфиналето отпаднаа неколку солидни скијачки како Маја Далквист, Наталија Непрјаева, Татјана Сорина и Јона Сундлинг.
Во машка конкуренција, до третата овосезонска победа дојде Италијанецот Федерико Пелегрино, кој отскија соло-трка во финалето. Во завршницата, актуелниот шампион на Тур д ски, Александер Болшунов, успеа да му се доближи, но го зазеде ,,само” второто место (+0,57). Ришар Жув (+2,53) го комплетираше подиумот пред Глеб Ретивих (+4,33), пред Артјом Малцев (+4,82) и пред Лука Шанава (+28,28).