
Од првите шест натпревари од 1/16-финалната рунда на Грчкиот куп, пласман во осминафиналето изборија три прволигаши и три второлигаши.
Во вчерашниот термин, Волос го ,,скрши мразот”, совладувајќи го Ионикос со 4-0, благодарение на головите на Јоргос Куцијас (19′, 43′), на Димитрис Метаксас (62′) и на Огњен Озеговиќ (79′).
Од денешните дуели, најинтересно беше во Серес, каде што домаќинот Пансераикос го доби Панахаики со 5-2 после продолженија, откако претходно израмни во 90+10′ од регуларниот дел.
За гостите, во листата на стрелците се запишаа Јанис Бурлакис (62′) и Нестор Митидис (65′), додека за победниците погодија Ахмед Саид (п. 41′), Андреас Кацантонис (90+10′, 110′), Савас Мургос (104′) и Маријос Софијанос (115′).
Единствен претставник на Супер лигата што загуби од второлигаш беше Панетоликос, кој беше поразен од Каламата после пенали.
Во регуларниот дел, за домашниот состав реализираше Христос Ровас (35′, 39′), а за гостите – Дејби Алдаир Флорес (30′, 78′), но во пенал-серијата, клубот од областа Месенија беше подобар со 4-3.
Во дуелот на двата претставника на втората дивизија, Калитеа ја порази Верија со минимален резултат, благодарение на Омар Сантана Кабрера (44′).
Освен Волос, од прволигашите, во наредната рунда влегоа Левадијакос и Ламија.
Ламија денес триумфираше во С’ботско против Алмопос со 0-2, а голгетери беа Константинос Провидакис (26′) и Густаво Марментини (60′).
Во преостанатиот дуел, Педросо (7′) му донесе брзо водство на АЕЛ од Лариса, но до истекот на првото полувреме, Левадијакос направи пресврт преку Јоргос Никас (25′) и преку Михал Скварка (44′) за победа од 1-2.