Најтешката МотоГП трка во последните години се одржа денес на фамозната патека Муџело, во Тоскана, Италија.
Овој епитет беше атрибуиран поради фактот дека освен физичката подготвеност, ставена на тест беше и психата на возачите, кои излегоа на патеката само два часа по смртта на Џејсон Дупаские.
Имено, Дупаские беше 19-годишен возач од Мото 3, кој почина во болницата во Фиренца, подлегнувајќи им на повредите од вчерашниот стравотен инцидент на квалификациите.
Во негова чест, по третпат сезонава победи Фабио Квартараро, кој извоза соло-трка од стартот до целта.
Веќе во вториот круг, трката остана без две ѕвезди, откако излетаа Марк Маркез и второпласираниот Франческо Бањаја.
На четири кругови до крајот, истата судбина го снајде и Алекс Ринс во момент кога се бореше за подиум.
Накрај, на второто место заврши Мигел Оливеира, кој беше за нијанса побрз од актуелниот шампион – Жоан Мир.
Жоан Зарко на почетокот водеше битка со Квартараро, но накрај мораше да се задоволи со четвртата позиција.
Позади Французинот од ,,Прамак Дукати”, во првите десет, се пласираа: Бред Биндер, Џек Милер, Алеиш Еспаргаро, Маверик Вињалес, Данило Петручи и Валентино Роси.