
Екипата на Виган имаше турбулентна година во која најпрво остана без сопственик, а потоа беше ,,изолирана” на дното на Лиг 1.
Сепак, освен нови сопственици, поранешниот премиерлигаш успеа да избори и опстанок во третата лига.
Амбициите за новата сезона се драстично променети, односно наместо кон опстанок, Виган ќе цели кон промоција.
Веќе беше направен првиот чекор со потпишувањето на голманот Бен Ејмос од Чарлтон, како и на три членови на академијата: Тендаји Дариква, Скот Смит и Киран Лојд.
Сепак, најголемата трансфер-бомба во Лиг 1 во последните сезони беше обелоденета денес.
Имено, во редовите на Виган Атлетик пристигна 28-годишниот англиски напаѓач – Чарли Вајк.
Минатата сезона, Вајк беше втор најдобар стрелец во лигата, постигнувајќи 26 голови на 45 натпревари во дресот на Сандерленд.
Освен за ,,Црните мачки”, во сениорската кариера, Вајк ги бранеше боите и на неколку други екипи: Бредфорд Сити, Карлајл, Хартлпул, Вимблдон и Кетеринг.
,,Презадоволен сум. Неколку недели зборував со членови на клубот, но од денот кога го запознав тренерот, знаев дека ова е тимот за кој сакам да играм.”
,,Начинот на кој Лим Ричардсон (тренерот на Виган) ми го претстави клубот и ми рече дека ќе го извади најдоброто од мене ме убеди дека ова е најдоброто место за да ја напреднам мојата кариера.” – се огласи Вајк за ,,Латикс ТВ”.
Англичанецот ќе има шанса да дебитира во сино-белиот дрес веќе на 20 јули, кога Виган ја игра првата пријателска средба со шестолигашот Фајлд.