Екипата на Глазгов Ренџерс сериозно цели кон повисоки амбиции во пресрет на новата сезона. Имено, Шкотланѓаните денес се засилија со докажан голгетер, кој претходно настапуваше во Англија, Исланд и Белгија.
Имено, „Ренџерите“ во своите редови го доведоа Англичанецот со јамајканско потекло, Кемар Руф, со четиригодишен договор за засега непозната сума. Руф ја помина минатата сезона во дресот на Андерлехт, а претходните три сезони го носеше дресот на Лидс каде што му беше соиграч на нашиот интернационалец Езѓан Алиоски.
На сто и единаесет лигашки натпревари за Лидс, Руф постигна триесет погодоци, додека минатата сезона, во белгиската Јупилер лига, на тринаесет настапи забележа шест погодоци.
Претходно, Англичанецот играше за Оксфорд Јунајтед и ВБА, а како член на клубот од „Хоторнс“, беше испратен на неколку позајмици: Викингур Рејкјавик, Нортемптон, Челтенам, Колчестер и Оксфорд Јунајтед.
Руф ќе им се придружи на новите соиграчи за неколку дена односно кога ќе се вратат од Германија, каде што ќе го одиграат реваншот против Баер Леверкузен во рамките на осмина-финалето на Лига Европа.
Со доведувањето на Кемар Руф во синиот тим од Глазгов, сè поизвесно е заминувањето на шпицот Алфредо Морелос, кој е мета на бројни врвни тимови.