Настанатата пандемија, стопирањето и одложувањето на натпреварите предизвикаа големи кризи кај бројни фудбалски клубови, а посебно кај оние од пониските натпреварувачки дивизии.
Оваа ситуација се рашири и низ англиските лиги, а тешко го погоди четвртолигашот Стивениџ. Овој клуб, во летниот преоден рок, доведе неколку искусни играчи, но и покрај тоа, беше последнопласиран тим во Лиг 2.
Дел од доведените играчи беа позајмени, а останатите имаат договори кои ќе истечат наскоро. Имено, на почетокот на јули, како што се одвива ситуацијата, Стивениџ ќе има само три играчи кои ќе имаат сè уште важечки договори од кои едниот има осумнаесет години.
„Досега истекоа термините на сите наши шест позајмени играчи. Имаме два играчи чијшто договор истекува овој месец, а останатите играчи имаат договор кој трае до 30 јуни, освен тројца од кои едниот е осумнаесетгодишен.“ – се огласи Фил Волас, сопственикот на Стивениџ, за „ХертсЛајв“.
Голем дел од фудбалските клубови опстојуваат во овие периоди со продажбата на сезонските билети. Стивениџ, во просек, продава од илјада до две илјади сезонски билети годишно што е релативно мал број за да можат да се обезбедат потребните финансии.
Во врска со продолжувањето на сезоната, Волас истакна:
„Не гледам како сезоната би можела да се продолжи до крајот на мај, јуни или јули. Не гледам како би можеле да почнеме додека тестовите не станат многу побрзи и многу поевтини за нашето ниво. Играчите од Премиер лигата можат да бидат тестирани секој ден, но ние не можеме да си го дозволиме тоа.“
Доколку сезоната во Лиг 2 се продолжи, Стивениџ ќе има можност да опстане во истата имајќи во предвид дека претпоследниот Маклсфилд има предност од три поени, а им претстои и меѓусебен натпревар. Имено, Маклсфилд ќе имаше десет поени предност доколку не му беа одземени седум поени поради финансиските проблеми и неодиграниот натпревар против Плимут.