Возачот број еден на Ферари, Германецот Себастијан Фетел, во спогодба со челниците на својот тим, реши да не го продолжи својот договор. Имено, договорот на Фетел важи до крајот на 2020, така што четирикратниот шампион ќе ја помине уште оваа сезона во црвениот болид.
„Јас и тимот сфативме дека немаме меѓусебна желба да останеме заедно. Ќе го искористам времето за да размислам што навистина вреди за мојата кариера… Мојата моментална цел е да го завршам својот престој во Ферари и се надевам дека ќе додадам многу подобри моменти на досегашните заеднички спомени.“ – се огласи Фетел во изјавата објавена од Скудерија Ферари.
Фетел стана дел од таборот на Ферари во 2015 преземајќи го местото на Фернандо Алонсо. Со овој тим, Германецот не освои ниту еден шампионски наслов, а во два наврати беше вицешампион (2017 и 2018). Како замена за Фетел, засега се спомнуваат неколку возачи во кои спаѓаат Карлос Саинц, Даниел Рикијардо и Антонио Џовинаци.
Продолжувањето на кариерата на Фетел останува непознато. Како опции се наведуваат замени со МекКларен за Саинц и со Рено за Рикијардо; враќање во Ред Бул и преминување во Мерцедес, а не излегува од игра и опцијата за пензионирање.