Фудбалерите на Струга Трим Лум го добија дерби дуелот против Шкендија и со минимални 1:0 го презедоа врвот на табелата во ПМФЛ! Херој на стружани беше Христијан Малевски, кој со погодокот во 72. минута донесе огромна победа и три бода против директниот конкурент за титулата.
Дербито започна со многу возбудувања. Уште во третата минута судијата Трпчевски покажа на белата точка по дуелот меѓу Бојку и Красниќи, но по прегледувањето на ВАР снимката одлуката беше поништена. Во 16. минута Радески се обиде со глава, додека шест минути подоцна Шкендија имаше двојна шанса преку Красниќи и Тамба, но не успеа да го отвори резултатот.
Во вториот дел Струга ја искористи својата шанса. По брза контра и нафрлување од левата страна, Малевски во 72. минута со глава ја затресе мрежата на гостите и предизвика ерупција од радост кај домашните навивачи.
Шкендија во финишот тргна по израмнување, а во 86. минута повторно беше досуден пенал за гостите. Сепак, по уште една ВАР проверка, Трпчевски ја промени одлуката и Струга го зачува водството.
Со оваа победа Струга Трим Лум се искачи на првото место на табелата, со два бода предност пред Шкендија и испрати силна порака во трката за шампионската титула!




