Струга повторно ќе биде центар на внимание на 1 август, кога ќе се одржи традиционалната хуманитарна трка со пластични патки. Настанот, кој станува сè попопуларен, ќе започне точно во 19:00 часот од Мостот на поезијата, каде ќе бидат пуштени 1.000 нумерирани пластични патки, а целта ќе биде Чаршискиот мост.
Средствата што ќе се соберат од продажбата на билетите ќе бидат наменети за помош на деца со посебни потреби, што ја прави оваа трка повеќе од забава – вистинска акција за хуманост. Билетите се продаваат по цена од 300 денари на повеќе локации низ градот, меѓу кои Кочва Мала, Пицерија Ангела, Дуќан, Хотел Бисер, Ескобар и Пливалиштето.

На секој билет има број што одговара на една од патките, со што секој учесник добива шанса за награда. Победникот, односно сопственикот на „најбрзата патка“, ќе освои 500 евра, додека второто место носи 200 евра, а третото – ручек за двајца во Хотел Бисер. Покрај паричните награди, спонзорите ќе доделуваат и дополнителни подароци како пици, коктели и десерти.
Организаторите повикуваат сите граѓани и гости на Струга да учествуваат и да дадат свој придонес за благородната цел.




