
Канадскиот ски-центар, Лејк Луис, кој е петта дестинација од Светскиот куп во алпско скијање во женска конкуренција, се покажа како одлична локација за Софија Гоџа.
Италијанката на фантастичен начин се врати од повредата и оствари хет-трик на брзинските дисциплини во Северна Америка.
На денешниот супервелеслалом, Гоџа (1:18,28) ја запиша третата овосезонска победа во низа и петта во оваа дисциплина во својата кариера.
Актуелната сопственичка на малиот кристален глобус во супервелеслалом, Лара Гут-Бехрами (+0,11) го освои второто место, а Мирјам Пухнер (+0,44) заврши како третопласирана.
За Австријката, ова беше вкупно четврти подиум и прв во кариерата во ,,побавната” брзинска дисциплина.
Во продолжение, пласманот во првите пет го комплетираа Тамара Типлер (+0,50) и Федерика Брињоне (+0,53).