Јубилејното 60. издание на Трката низ Баскија беше воедно и 13. настан од новата велосипедска сезона.
Оваа трка се одвиваше на тлото на шпанската област и траеше шест дена, со вкупно 797,7 извозени километри.
Како победник, накрај излезе Словенецот Примож Роглич, кој триумфираше исто така и во 2018.
Возачот на ,,Џамбо-Висма” водеше после првите три етапи, а го завери вкупниот триумф со второто место на последната делница.
Новиот шампион славеше само на првиот хронометар, а освен него, етапни победи запишаа Алекс Аранбуру, Тадеј Погачар, Јон Изагире, Микел Фролих Хоноре и Давид Году.
Во пресрет на последниот ден, водечки во вкупниот поредок беше Американецот Брендон МекНалти, кој изгуби 7:57 минути на последната етапа.
Накрај, на првите пет позиции на генералниот пласман, освен Роглич (19:11:36), завршија уште Јонас Вингегаард (+0:52), Тадеј Погачар (+1:07), Адам Јејтс (+1:26) и Давид Году (+1:27).
Шестопласиран беше најдобриот баскиски возач, Пељо Билбао (+1:28), а како најбрз млад возач се покажа Вингегаард.
Останатите две маички (за најмногу поени и за најдобар планински натпреварувач) му припаднаа на Роглич.
📸 David Ramos/Getty Images



